IN MEMORIAM Почина Симон Беличанец, доајен на македонското спикерство
На 82 годишна возраст почина доајенот на македонското спикерство Симон Беличанец...
На 82 годишна возраст почина Симон Беличанец, доајен на македонското спикерство. Беличанец е роден на 2.6.1942 година во Прилеп каде што ги завршил основното, средното гимназиско како и нижото музичко училиште.
Кај Беличанец уште од неговата три годишна возраст била изразена желбата за убавиот збор, така што во салата при „Тутунски Комбинат“-Прилеп ја восхитил публиката со рецитирањето на песната „Мајка Угра“. Беличанец уште во гимназиските денови од страна на Зафир Зафировски кој бил главен уредник на Радио Прилеп бил ангажиран како спикер во радиото. Беличанец по завршувањето на гимназиското образование се запишал и студирал на Технолошкиот Факултет во Скопје, а за време на неговите студии се пријавил на аудиција во Радио Скопје каде што веднаш бил примен и ангажиран како спикер.
Имено, Беличанец завршил и виша спикерска школа што ја организирала Југословенската-радио телевизија во Белград. Беличанец по завршувањето на спикерската школа во Белград почнал да ги чита и презентира вестите на Македонската Радио Телевизија заедно со Бранка Станковска. Беличанец бил и љубител на музиката па благодарение на убавиот говор и дикција бил и водител на повеќе музички манифестации и концерти ширум Македонија.
Инаку, Беличанец бил голем љубител на поезијата на Кочо Рацин, а своето искуство во радио и телевија несебично им го пренесувал на неговите помлади колеги спикери и новинари. Беличанец почина на Илинден (2.8.2024 година), а неговиот погреб е утре (5.8.2024 година) на скопските градски гробишта во населбата Бутел.
Да се потсетиме и да уживаме во убавиот глас и дикција на Симон Беличанец.
#Македонија
Коментари
Постави коментар