Изложба „Нова димензија во создавањето2-Портрети“ во НУЦК„Марко Цепенков“-Прилеп
„Нова димензија во создавањето 2-Портрети“ од Александра Димитрова ќе биде отворена во НУЦК„Марко Цепенков“-Прилеп...
„Нова димензија во создавањето 2-Портрети“ изложба на уметничката Алексндра Димитрова ќе биде отворена во НУЦК„Марко Цепенков“-Прилеп. Отворањето на изложбата е закажано за на 25.10.2024 година (петок) со почеток од 18:30 часот и истото ќе се случи во ликовната галерија.
Синиша Новески за делата на уметничката Димитрова вели дека самиот чин на создавање на едно уметничко дело е во трансформирањето и создавањето на нова метафизичка димензија, чиј што краен резултат е уметничко дело кое што е поразлично од реалноста.
„Самиот чин на создавање уметничко дело е трансформирање и создавање нова метафизичка димензија, чиј краен резултат е дело кое е поразлично од реалноста. Затоа сликите на Александра Димитрова, и покрај тоа што мотивите се пејзажот и портретот, се оригинални и претставуваат нејзино индивидуално гледање и креирање на овие мотиви. Во нејзините слики се чувствува силна експресивност и виталност преку играта на ликовниот јазик. Дијалогот помеѓу сликата и уметникот е театар каде што со потегот на четката таа гради свој свет на имагинарни простори и амбиенти. Комплементарноста на топлите и на ладните бои ја надополнува со текстура и цртеж, кои преку својот графицизам даваат витални атрибути. Нејзината вулканска енергија може да се види во композицијата којашто е игра на ритмички форми, кои создаваат некоја разиграна перспектива и длабочина во сликата. Тие имагинарни пејзажи таа ги гради слободно со големи површини на бои, кои таа ги патинира со различни нијанси, со што прави една енформелна и симболична композиција на игра и радост. Потсвесно или намерно, Димитрова од разиграните слики богати со бои и текстура извлекува со лесна и конструктивна линија одредени ликови и портрети, кои се идеализирани, но сепак носат одредена емоција, лиричност и грациозност. Стилски, нејзините слики се блиски до експресионизмот, енформелот со призвук на надреални и импресионистички тактилни доживувања, кои носат еден индивидуален ликовен ракопис. Сликите се прозорци на денешното турбулентно динамично живеење во кои секој може да се пронајде во раскошот на боите и формите и да креира свој дијалог на современата егзистенција“-вели Новески за делата на Димитрова.
Имено, уметничката Александра Димитрова е родена во Кочани во 1986 година. Основното образование го завршува во родното Кочани, а во 2001 година Димитрова се запишува во средното уметничко училиште ДСУПУ„Лазар Личеноски“-Скопје, на одделот Применето Сликарство. Во 2005 година Димитрова се запишува на факултетот за Ликовна Уметност во Скопје на одделот Сликарство со конзервација и реставрација. каде што во 2011 магистрира. Во 2024 година Димитрова се запишува на докторски студии на НХА во Софија, Република Бугарија. Димитрова е учесник на многу ликовни колонии, симпозиуми, семинари и сл. Има учевствувано на повеќе групни изложби во земјава и странство. Димитрова исто така има остварено повеќе самостојни проекти и работилници, а има и направено 12 самостојни изложби во Кочани, Штип, Скопје, Кавадарци, Неготино, Пробиштип, во Крива Паланка и во други градови низ државава. Од 2009 година Димитрова е член на ДЛУМ, од 2023 година е член и на ДЛУБ. Димитрова моментално работи во НУЦК„Бели Мугри“-Кочани, а исто така е професор по ликовна уметност во уметничкото училиште кое работи во склоп на НУЦК„Бели Мугри“-Кочани. Со училиштето Димитрова исто така има организирано голем број на проекти, ликовни работилници, изложби како и ликовни перформанси.
Инаку, изложбата „Нова димензија во создавањето 2-Портрети“ што ќе биде отворена в’петок во ликовната галерија од НУЦК„Марко Цепенков“-Прилеп ќе може да се погледне до 8.11.2024 година (петок) до 17:30 часот.
#Култура
Коментари
Постави коментар