Утре е Петковден, обичај за овој празник е петтолебието

Утре е еден од најпразнуваните празници во Македонија, Петковден...

Утре е празникот посветен на светицата Параскева или попозната како света Петка. Петковден е прв празник за домашна слава, а еден од обичаите за Петковден е „петтолебието“. Петтолебие е кога во црква се носат пет лепчиња, во спомен на настанот од библијата каде што Исус Христос со пет леба нахранил 5.000 луѓе. Петте лепчиња се осветуваат при што една се дава на верникот, а другите четири лепчиња остануваат во црквата. 

Света Петка потекнува од градот Епиват, кој се наоѓал меѓу Силинаврија и Цариград. Таа е родена кон крајот на 10 век, во петок, денот кога Евреите се подготвуваат за празнување на празникот Сабат. Затоа, нејзе ѝ го дале името Параскева, што значи „подготовка“. Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло, а освен Петка, имале и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал епископ Малитски. По смртта на родителите, девицата Петка, била желна за подвижнички живот, го напуштила родителскиот дом и отишла најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што останала до својата старост. Нејзиниот долг пустински живот во молитва и пост може да биде спореден со 40 дневницата која што Исус ја спровел во пустина. Кога св. Петка била стара, еднаш ѝ се јавил ангел и ѝ рекол: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да ѝ го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај господ“ Света Петка го послушала небесниот глас, ја оставила својата омилена пустина и се вратила во Епиват. Таму, таа поживеала уште две години и умрела во 11 век

Имено,нејзините чудотворни мошти низ вековите биле пренесувани во Цариград, во Велико Трново-Република Бугарија, повторно во Цариград и во Белград. Сега, тие се наоѓаат во романскиот град Јаш. Во Белград постои вода на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што и притекнуваат со вера кон светителката. Во скопско Црниче, има изградено црква која што е посветена на света Петка, а во Македонија има изградено и многу други цркви посветени на света Петка.

Дежурната екипа на порталот ИНФО-ПРИЛЕП на сите христијански верници и славеници им ги честита имендените, родендените, куќните слави и им посакува здравје, среќа и убави мигови со саканите.


#Живот

Коментари

Популарни постови са овог блога

Јовчески: Новата прилепска катна гаража се очекува во употреба да се пушти за три недели

Автобускиот градски превоз во Прилеп со изменет возен режим

(Видео) Публиката на втората фестивалска вечер уживаше во настапот на Таско, Огнен Здравковски, Суперхикс и Том Нови